Кога швајцарските Алпи ги имаш во Македонија: Репортажа од Лабунишки бачила (фото+видео)

На планината Јабланица се наоѓа едно од најмагичните места во Македонија. Амер Демиши нè носи таму…

koga-shvajcarskite-alpi-gi-imash-vo-makedonija-reportazha-od-labunishki-bachila-foto-01.jpg

Амер Демиши е вљубеник во природата. Тој преку своите фотографии и искуства за миг ќе нè однесе на едно од најубавите места во Македонија – Лабунишки бачила.

Тој вели дека „Дома си е дома“ и дека сите треба да научиме да ги цениме убавините на нашата држава.

За CRNOBELO.com Амер го пренесува своето искуство оттаму:

„Многумина кои ја посетиле Јабланица, се воодушевиле од убавината на оваа планина. Таа се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, помеѓу Охридско – Струшката и Дебарската котлина, западно од Црн Дрим и брегот на Охридското Езеро.

koga-shvajcarskite-alpi-gi-imash-vo-makedonija-reportazha-od-labunishki-bachila-foto-02.jpg

Голем дел од нив сметаат дека ова е нашата најубава планина. Кога ќе ги видите фотографиите оттаму нема да можете да верувате дека оваа убавина е всушност во Македонија, а не некој дел од швајцарските Алпи. Ние на шега Лабунишки бачила си ги викаме Лабунишки Алпи.

Лабунишки бачила се наоѓаат на само 6 километри од селото Лабуништа. Лесно се стигнува со кое било возило бидејќи патот е асфалтира (4 км) и тампониран (2 км).

koga-shvajcarskite-alpi-gi-imash-vo-makedonija-reportazha-od-labunishki-bachila-foto-03.jpg

При самото пристигнување кај местото наречено Лабунишки бачила ќе ве обземе една фасцинантна глетка која ќе ве остави без зборови, а врвот Стрижак кој гордо стои исправен пред вас ќе ви посака топло добредојде. 

Веднаш ќе посакате да го освоите и да уживате во волшебната глетка која нуди бесконечен спокој на душата.

koga-shvajcarskite-alpi-gi-imash-vo-makedonija-reportazha-od-labunishki-bachila-foto-09.jpeg

Врвот Стрижак е втор по големина со 2.233 метри надморска височина и за многумина е еден од најубавите врвови во Македонија.

koga-shvajcarskite-alpi-gi-imash-vo-makedonija-reportazha-od-labunishki-bachila-foto-10.jpeg

Планината е богата со вода и шума костенова, дабова и најмногу букова, како и пребогати планински пасишта. На планината се наоѓаат и 4 глацијални езера кои воедно претставуваат и бисер на планината.

Од четирите езера најголемо и најдлабоко е Подгоречкото со површина од 4000 метри квадратни, додека Вевчанското е второ по големина. 

Помали по површина и поплитки се Лабунишкото Горно Езеро (1930 м н.в.) и Лабунишко Долно Езеро (1915 м н.в.).

koga-shvajcarskite-alpi-gi-imash-vo-makedonija-reportazha-od-labunishki-bachila-foto-06.jpeg

Од бачилата до езерата има 2,5 км и се стигнува за 30-40 минути, одењето е прилично лесно, а уморот исчезнува благодарение на чистиот планински воздух, колоритните бои и свежата планинска вода која ја има во изобилство.

koga-shvajcarskite-alpi-gi-imash-vo-makedonija-reportazha-od-labunishki-bachila-foto-11.jpeg

Планината е посетена од многу домашни планинарски клубови, а во последно време има интерес и од надворешни планинари, па сите кои биле барем еднаш посакале да ја почувствуваат оваа уникатна планина повторно.

koga-shvajcarskite-alpi-gi-imash-vo-makedonija-reportazha-od-labunishki-bachila-foto-04.jpeg

Јас лично посебно ја сакам оваа планина поради тоа што со неколку километри или неколку часа пешачење, можете да видите толку прекрасни природни пејзажи, и секогаш има нешто ново да откриете кое секако ќе ве воодушеви максимално.

koga-shvajcarskite-alpi-gi-imash-vo-makedonija-reportazha-od-labunishki-bachila-foto-05.jpeg

За планината има уште многу да се напише, но најдобро е планината да се доживее на сопствен начин, ќе наполните батерии, ќе ја опуштите душата, ќе го релаксирате телото и на крајот ќе се чувствувате како нови.“

Видео од оваа прекрасна дестинација снимено од Абдула Каралиоски: