
ХЕМОДИАФИЛТРАЦИЈА – ПО ПРВ ПАТ ВО НАШАТА БОЛНИЦА!!!
Специјализираната Болница за Нефрологија– Струга доби значајна донација за пациентите кои се лекуваат со хемодијализа во оваа установа: три модерни апарати за хемодијафилтрација. Со ова, нашата болница одбележува историски момент во третманот на пациентите со бубрежни заболувања. За прв пат од нејзиното основање, оваа институција ќе ја понуди методата на хемодијафилтрација – поефикасна и напредна метода за прочистување на крвта кај пациентите со бубрежна инсуфициенција.
Овој значаен чекор ќе им овозможи на пациентите поквалитетен третман, со значително намалување на несаканите ефекти кои често ја придружуваат традиционалната хемодијализа. Хемодијафилтрацијата обезбедува поцелосно отстранување на токсините, подобрување на хемодинамичката стабилност, помалку несакани ефекти, подобра заштита на кардиоваскуларниот систем и намалување на хроничното воспаление.
Овој голем напредок во нефролошките услуги на болницата е доказ за нашата посветеност да обезбедиме модерни и ефикасни третмани за пациентите во Северна Македонија. Благодарение на оваа донација, заедно со целосно реновираниот објект за Holiday Dialysis, пациентите во нашата болница ќе имаат можност да добијат поквалитетен и побезбеден третман, со што ќе се зголеми нивниот животен век и благосостојба. Оваа инвестиција во модерна технологија претставува значаен чекор кон подобрување на јавното здравство и третманот на бубрежните заболувања.
Донацијата беше финансирана од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарската Конфедерација/Швајцарската агенција за развој и соработка, а беше имплементирана од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
… затоа што пациентите се наш приоритет…