Наместо да ги чекаат првите групи на туристи од Холандија, кои веќе требаше да пристигнат, струшките туристички работници очекуваат олабавување на мерките, заживување на туризмот и бизнисот кои се во тотален застој поради актуелната ситуација со корона вирусот.
Веќе два месеци не сообраќаат ниту редовните такси и автобуски линии од селските средини кон градот, а редуцирани се линиите и со Охрид. Локалната власт бара од Владата, под итно отварање на граничниот премин Ќафасан со Албанија заради тоа што голем број работници кои работат во локалните бизниси доаѓат од соседната држава.
„Иако ние не сме надлежни за тоа, ние бараме директно од Владата и од централниот штаб, тие да донесат одлука. Тоа е важно затоа што многу бизниси од Струга се поврзани со бизнисите во Албанија, а исто така многу луѓе од Албанија работат тука во нашиот град Струга. Исто така друго нешто кое не тангира, е дека многу маркети во Струга функционираат со купувачи од Албанија“, рече Дашмир Насуфи- општина Струга.
И локалните бизнисмени сметаат дека е време за олабавување на мерките бидејки како што велат има сериозна стагнација во функционирањето на сите компании.
„Приоитет е здравјето на луѓето и ако сметаат дека има доволно можности да се контролира сето тоа, добро е да се ослободат сите и објекти и превозни средства, за да може тоа полека да функционира. Еве и сезоната ни доаѓа, а ние тука сме па и во целата држава сезонски функционираме“, вели Мевмед Џемаилоски-бизнисмен од Струга.
Од Владата за Алсат велат дека со внимание ќе им пристапи на овие барања, но оти сите одлуки се носеле врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести.
„Владата продолжува будно да ја следи состојбата и како и досега редовно и точно да информира за можностите кои ќе се создаваат. Во дел од градовите каде имаше заболени од КОВИД-19 веќе нема активни случаи. Но, да не заборавиме дека сите активни мерки мора да продолжат да се почитуваат за да создадеме услови за постепено и претпазливо релаксирање на рестриктивните мерки“, велат од Владата.
Од Владата додаваат дека и за Струга како и за цела држава враќање на животот во нормала ќе се одвива постепено и внимателно, исклучиво согласно препораките на Комисијата за заразни болести.
Мики Трајковски