Стружаните болни од ковид-19 умираат многу почесто од останатите во земјата, нема одговор зошто

Изразено во проценти, смртноста во Струга е 12% или на секои 100 заболени од ковид-19 умираат 12 пациенти. За разлика од Струга, на подрачјето на Скопје умираат многу помалку, од 4 од 100 заболени со ковид-19

Од 26 февруари, кога официјално беше потврден првиот случај на ковид-19 во Македонија, досега починаа 351 лице. Битката со болеста последни ја загубија пациент од Куманово, две лица од Скопје и двајца жители на Тетово.  

Според последните податоците на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, најголем број од починатите се жители од Скопје – 139 лица.

Но, тоа што во Скопје има најмногу смртни случаи не значи и дека вирусот бил најопасен во главниот град.  

Леталитетот од ковид-19 во Македонија во рамките на светскиот просек

Леталитет е термин што го употребуваат здравствените работници кога објаснуваат колку лица што заболеле од одредена болест на крајот умираат од неа. Кога е во прашање ковид-19 во Македонија, леталитетот изнесува 4,8%. Или, дека од 100 лица, кои ќе се заразат од новиот коронавирус, 5 нема нема да ја преживеат болеста.

Со тие бројки Македонија е блиску до светскиот просек.

Морталитетот во Македонија споредено со САД, Германија и светскиот просек

Мапата подолу, која е изработена од „Our world in data”, а зад која стои тим научници од различни области кои ги спојуваат студии во Оксфорд, е интерактивна. На неа може да се „исклучат“ или „вклучат“ и други земји за да се спореди како стои Македонија споредена со нив.

https://ourworldindata.org/grapher/coronavirus-cfr?country=DEU~ITA~MKD~ESP~USA~OWID_WRL

Но, доколку леталитетот во земјава се пресмета поединечно по подрачја како што се покриени од Центрите за јавно здравје, се добива сосема поинаква слика.  

Во Струга умираат 12 на секои 100 заболени од ковид-19

Ако се земат предвид последните податоци од Центрите за јавно здравје на чие подрачје има барем 100 регистрирани случаи на ковид-19, црн рекордер по бројот на починати пациенти споредено со вкупниот број на заболени е Струга.

Таму од вкупно 274 регистрирани пациенти со ковид-19 битката со вирусот ја изгубиле 33 лица. Изразено во проценти, леталитетот е 12% или на секои 100 заболени умираат 12.

За разлика од Струга, на подрачјето на Скопје леталитетот е многу понизок и изнесува 4% бидејќи 139-те починати на подрачјето на Центарот за јавно здравје – Скопје се од вкупно 3 487 регистрирани случаи. Тоа значи дека во Скопје умираат 4 од 100 заболени со ковид-19, што е многу пониско од Струга.

извор: Институт за јавно здравје

Како што покажува графиконот погоре, после Струга, најголем леталитет има во Тетово (7,4%), па Прилеп (7,1%), Гостивар (6,9%), Велес (6,6%), Куманово (5,3%), Дебар (3,4%), Ресен (2,5%), Охрид (2,4%) и Штип (2%).

Зошто во некои подрачја се умира повеќе од ковид-19?

Според последната статистика што ја обезбедивме од Министерството за здравство, од вкупниот број смртни случаи од почеток на епидемијата, речиси 95 отсто починале во болница, а останатите починале дома, по пат до болница или на самиот прием. 

За да може да се објасни на што се должат овие разлики во смртноста по региони, сите доктори што ги контактиравме ни одговорија дека ќе бидат потребни детални истражувања и анализи од надлежните институции вклучени во борбата со вирусот. Засега, дел од докторите вината ја гледаат во граѓаните посочувајќи дека предоцна се јавуваат за помош.

Но, од друга страна, многубројни се и критиките од граѓаните дека докторите ги одвраќаат од посета на болници сѐ додека немаат сериозни симптоми на болеста. А и не сите болници имаат еднакви услови и кадар за борба со вирусот, па пациентите со најтешка клиничка слика од целата држава се носат во Скопје.

Струшката болница се бори со вирусот без инфектолог

Дека пациентите бараат лекарска грижа откако состојбата ќе се влоши, смета и првиот човек на струшката болница. Сепак, директорот Мухамед Асани во изјава за „360 степени“ посочува дека на бројките можат да влијаат повеќе фактори.

„Се уште нема податоци зошто е голем леталитетот, тоа е опширно прашање и не може да се каже конкретно. Прво, знаеме дека Струга беше жариште на ковид-19. Второ, важна е одговорноста на луѓето и колку ги почитуваат мерките за заштита. Многу е важно и кога ќе се јават на лекар, дали побарале здравствена нега на време, колку од нив имале хронични болести… Има многу фактори“, 

вели Асани.

Директорот потенцира и дека струшката болница се соочува со сериозни предизвици. Болницата нема ниту инфективно одделение ниту инфектолог, па за лекувањето на пациентите со ковид-19 се грижат интернисти.

Сепак, Асани потенцира дека ова не може да се гледа како фактор за високиот леталитет бидејќи третманот и лекувањето на пациентите се правел по истите протоколи како во цела држава.

„Интерното одделение ни е со полн капацитет ставено во функција за ковид-19. Во тој дел имаме проблем што нема каде да ги носиме пациентите. Во Охрид не ги примаат, а тешките случаи ги носиме во Скопје, иако и таму сега се полнат со пациенти. Тоа е проблем во целата држава. Ние немаме инфективно одделение, а сме барале да ни ангажираат и инфектолог.

Имаме специјализантка што чекаме да се ангажира во тој дел. Дополнително, просторно сме ограничени и затоа баравме од Комисијата за заразни болести да не третираме такви пациенти. Но, поради состојбата и поради тоа што сакаме да го згрижиме секој пациент, ние сме принудени да ги примаме и со најостри мерки за заштита успеавме да немаме болни здравствени работници. Засега, добро се снаоѓаме. Третманот е адекватен. Имаме опрема, обезбедена од наша страна како болница и добро менаџираме, но со тешкотии. Но, мора да работиме. Тешки денови доаѓаат и се чини не се гледа крајот во блиска иднина“, 

вели Асани.

Пациентите од Струшкиот Регион на почетокот од пандемијата се испраќаа во болницата во Охрид, но откако и таму се исполнија капацитетите престана и трансферот.

Но, за разлика од подрачјето на Струга, во Центарот за јавно здравје – Охрид регистрираат многу пониска стапка на леталитет од само 2,4%.

Директорот на охридската болница вели дека за да се одговори на бранот на заболени мора секоја болница да биде ковид-болница.

„Јас кажав и на почетокот дека секоја болница мора биде од помош на системот. Најголемиот дел од грижата за пациентите го прават интернисти и анестезиолози, инфектологот може да даде инструкции и телефонски. Ние два месеца правевме се. Меѓутоа кога Охрид се соочи со огромен бран, ние ги исполнивме сите одделенија. Последниот пат кога бевме преполни, испративме пациенти и во битолската болница. Затоа мора секоја болница да помогне во овој систем..Ние мора да живееме со болеста“, 

вели Горан Балевски за „360 степени“ .

За разликите во смртноста и тој смета дека проблемот е во доцната лекарска интервенција. 

„Мислам дека населението се плаши од лекари. Предоцна се јавуваат. Сепак, за ова прашање треба да се направи добра анализа“, 

вели Балевски.

Најтешките случаи се носат во Скопје, но ретко кој се враќа

На ист став со директорот на охридската болница се и неговите колеги од Прилеп и Гостивар, подрачја каде што леталитетот исто така е повисок.

Според раководителката на Инфективното одделение во болницата во Прилеп, освен доцното јавување на лекар, причина можат да бидат и коморбидитетите кај пациентите и нивната возраст.

Д-р Мирјана Крстеска за „360 степени“ вели дека во болницата во Прилеп починале само две лица, а другите 18 пациенти биле префрлени во Скопје каде што подоцна ја изгубиле битката со вирусот.

Но, како што се полнат капацитетите во Скопје, и трансферот на пациенти се чини не оди лесно.

„Високиот процент на смртност дали е случајност или не, во секој случај го гледаме низ призмата на доцна јавување на лекар и на хроничните болести. Тие што ни беа двата смртни случаи на нашето одделение беа на околу 84-годишна возраст. Поради напливот на пациенти во Скопје, ни дадоа насоки како да ги третираме во нашата болница и тука постојано беа на кислородна поддршка, но за жал починаа,“  

вели Крстеска.

И директорот на болницата во Гостивар вели дека најголем дел од починатите животот го загубиле откако ги префрлиле во скопските клиники.

Д-р Јакуп Јакупи смета дека и во гостиварската болница има доволно услови за лекување на пациенти со коронавирус, но вели дека проблемот е што предоцна се интервенира.

„Третманот е по протоколите како што ги предвидува Министерството за здравство. Снабдени сме со терапија што е на ниво на болницата. За односот на граѓаните не можам да дадам објаснување, тоа е до нивната свест. Штом имаме потреба за транспорт на пациент ние тоа го правиме. Не можам да кажам зошто имаме таков леталитет. Можеби и луѓето во доцен стадиум доаѓаат, во многу доцна фаза. Сите што ги испративме во Скопје дошле предоцна и после е проблем да се рехабилитираат“, 

вели Јакупи за „360 степени“.

Транспортот може да биде фатален за пациентите

На почетокот на кризата сите пациенти со потешка клиничка слика се упатуваа на Инфективната клиника, а подоцна и во Градската болница „8 Септември“.

Но, со напливот на пациенти и таму сѐ повеќе недостигаат и простор и кадар.

Директорката на Инфективната клиника тврди дека никој не бил одбиен да биде префрлен во Скопје, но објаснува дека се прават проценки дали и кој може да го преживее патот до клиниката. Ништо не е црно или бело, вели д-р Милена Стевановиќ.

„Транспортот секако дека влијае. Не е едноставен и има ризици, но пак, доаѓаме до тоа дека и тие пациенти кои биле донесени во Скопје предоцна се јавиле на лекар. Ние се договараме со болниците од другите градови и некогаш се случува да им кажеме – Немојте да тргнувате на пат бидејќи може да биде уште полошо, а ако го направите на пример во Струга, она што ние би можеле да го направиме тука, можеби ќе се спаси пациентот. Значи се прави проценка и се договараме дали има време за трансфер. Можеби на почетокот на сите им беше страв и ги препраќаа во Скопје, но сега имаме колегијална соработка.  Има различни ситуации и се прави договор. Секако, не сме оставиле пациент да не биде згрижен“, 

вели Стевановиќ.

И таа не верува дека на стапката на смртност може да влијае капацитетот за лекување на локалните болници, кои се далеку помалку опремени и со ресурси и со кадар за разлика од Инфективната клиника.

„Секако дека ние сме повеќе опремени како клиника и се разликуваме, не може да нема разлика. Но, искусни колеги работат и тука и таму. Да, можеби ние имаме повеќе можности за организирано следење на пациентот и слично, но мислам дека главната причина за разликите е во тоа што пациентите предоцна побарале лекарска помош“, 

вели Стевановиќ.

И Стевановиќ и нејзините колеги од другите болници кои водат битка со вирусот се согласни дека после пандемијата ќе треба да се направи детално истражување за барем приближно да може да се знае зошто и како починале пациентите. Сега сите велат дека се фокусирани на една цел –да спасат што е можно повеќе животи.

360stepeni mk