На планината Јабланица се наоѓа едно од најмагичните места во Македонија. Амер Демиши нè носи таму…
Амер Демиши е вљубеник во природата. Тој преку своите фотографии и искуства за миг ќе нè однесе на едно од најубавите места во Македонија – Лабунишки бачила.
Тој вели дека „Дома си е дома“ и дека сите треба да научиме да ги цениме убавините на нашата држава.
За CRNOBELO.com Амер го пренесува своето искуство оттаму:
„Многумина кои ја посетиле Јабланица, се воодушевиле од убавината на оваа планина. Таа се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, помеѓу Охридско – Струшката и Дебарската котлина, западно од Црн Дрим и брегот на Охридското Езеро.
Голем дел од нив сметаат дека ова е нашата најубава планина. Кога ќе ги видите фотографиите оттаму нема да можете да верувате дека оваа убавина е всушност во Македонија, а не некој дел од швајцарските Алпи. Ние на шега Лабунишки бачила си ги викаме Лабунишки Алпи.
Лабунишки бачила се наоѓаат на само 6 километри од селото Лабуништа. Лесно се стигнува со кое било возило бидејќи патот е асфалтира (4 км) и тампониран (2 км).
При самото пристигнување кај местото наречено Лабунишки бачила ќе ве обземе една фасцинантна глетка која ќе ве остави без зборови, а врвот Стрижак кој гордо стои исправен пред вас ќе ви посака топло добредојде.
Веднаш ќе посакате да го освоите и да уживате во волшебната глетка која нуди бесконечен спокој на душата.
Врвот Стрижак е втор по големина со 2.233 метри надморска височина и за многумина е еден од најубавите врвови во Македонија.
Планината е богата со вода и шума костенова, дабова и најмногу букова, како и пребогати планински пасишта. На планината се наоѓаат и 4 глацијални езера кои воедно претставуваат и бисер на планината.
Од четирите езера најголемо и најдлабоко е Подгоречкото со површина од 4000 метри квадратни, додека Вевчанското е второ по големина.
Помали по површина и поплитки се Лабунишкото Горно Езеро (1930 м н.в.) и Лабунишко Долно Езеро (1915 м н.в.).
Од бачилата до езерата има 2,5 км и се стигнува за 30-40 минути, одењето е прилично лесно, а уморот исчезнува благодарение на чистиот планински воздух, колоритните бои и свежата планинска вода која ја има во изобилство.
Планината е посетена од многу домашни планинарски клубови, а во последно време има интерес и од надворешни планинари, па сите кои биле барем еднаш посакале да ја почувствуваат оваа уникатна планина повторно.
Јас лично посебно ја сакам оваа планина поради тоа што со неколку километри или неколку часа пешачење, можете да видите толку прекрасни природни пејзажи, и секогаш има нешто ново да откриете кое секако ќе ве воодушеви максимално.
За планината има уште многу да се напише, но најдобро е планината да се доживее на сопствен начин, ќе наполните батерии, ќе ја опуштите душата, ќе го релаксирате телото и на крајот ќе се чувствувате како нови.“
Видео од оваа прекрасна дестинација снимено од Абдула Каралиоски: